Во Скопје падна шампионот, Вардар е нов македонски првак!

Македонија добива нов шампион откако Вардар во „Јане Сандански“ го совлада ривалот Еурофарм Пелистер со резултат 34-19 (18-12) со што и практично ја осигура пол позицијата на табелата на три кола до крајот. По три години владеење со македонскиот ракомет, битолчани во следните три кола ќе се борат за вицешампионската позиција со екипата на Охрид.


Натпреварот започна во израмнет ритам, двете екипи имаа свои моменти во првите пет минути, но следуваа неколку грешки во нападот на „зелено-белите“, а лесните голови ги одведоа вардарци на три голови разлика по осум минути игра (6-3, Малус). Пелистерци успеаа да внесат немир во редовите на Вардар и се одржуваа на минимална негатива во средината на првиот дел, а промашените пенал удари на Воркапиќ и Тузолана само придонесоа за неизвесноста на натпреварот.
Црвено-црните имаа иницијатива, а добрата одбрана и украдените топки ги одржуваа на највисоката предност од осмата минута.
Во полувреме кое го означија бројните технички грешки, третиот пеналџија на Вардар, Урош Митровиќ им донесе прва предност од четири погодоци 13-9 (23 минута) на некогашните европски прваци.


Ниту тајм-аутот на клупата на гостите не ги промени улогите на терен. По промашениот напад, ракометарот на Еурофарм Пелистер, Ник Хенингман заработи директен црвен картон по стартот над Малус. Тоа ги разоружа ракометарите на Еурофарм Пелистер, кои за краток период им овозможија на Вардарци со брзи голови да се оддалечат на висока предност од 15-10.
Кога веќе беше обезбедена солидна залиха на контото на домаќините во последните минути од првото полувреме, вардарци играа полесно, а таа полетност ги донесе и првите шест голови предност (18-12), разлика со која двете екипи заминаа на пауза.

Стартот на вториот дел Вардар го искористи да ги расчисти сите дилеми околу победникот на овој дуел. Валах ја спушти ролетната, па промашените шанси на Еурофарм Пелистер, Да Силва, Малус и Митровиќ на двапати ги претворија во двоцифрена разлика, 22-12 во 39. минута. Еурофарм Пелистер не успеа да постигне гол цели 10 минути во вториот дел. Во 40 минута, Кузмановски успеа да го промени резултатот на Еурофарм Пелистер од полувремето, но Вардар не го спушти ритамот на игра. Разликата се одржуваше и низ средината на вториот дел.
Притисокот на овој дуел влијаеше на играта на гостите, а од другата страна Вардар ја искористи полетноста која им ја понуди двоцифрената предност и само ја зголемуваше предноста на семафорот. Бранеше Гогов, погодуваше нападот на „црвено-црните“ па во 55 минута имаа предност од 32-17.
Кога се броеја само секундите до крајот на овој дуел, а епилогот веќе одамна беше познат, започна славеничката атмосфера на трибините, а на семафорот остана запишан конечниот резултат 34-19.

Со оваа победа Вардар има недостижни 56 бодови на три кола до крајот, осум повеќе од Охрид, а 10 бодови повеќе од Еурофарм Пелистер кој сега е на третата позиција на табелата. Македонија по три години доминација на „зелено-белите“, ќе има нов шампион, на тронот се враќа скопски Вардар.