ПРЕСИНГ: Германија сигурна, Исланд застрашувачки – Македонија по првите бодови на ова ЕП

Прашањето е дали овој регион до Словенија, за да не одиме со онаа старата дека се ние македонците нешто лошо правиме, би му дал шанса на Лук да игра, да превземе одговорност и да прерасне во голем играч. Многу тешко...Овој регион е полн со предрасуди за тоа кој може, а кој не, кој има или нема килограми, сантиметри, моторики, координации...особено сантиметри. Ракометот се развива во нови димензии и нашиот мозок треба да го отвориме за да можеме да ги препознаеме „вистинските“. Загреб не го препозна Циндриќ, па „силом прилике“ по повредата на Мојсовски, Червар го донесе од Карловац во Металург. Останатото е историја...Добредојдовте во мојата најнова ПРЕСИНГ колумна на стартот на ЕП во Унгарија и Словачка

ГОЛА И КАРАЛЕК ЗА РАКОМЕТНИ УЧЕБНИЦИ, ГЕРМАНИЈА СО ЕДНО ПОЛУВРЕМЕ НА ВОЛФ ДО ТРИУМФ НАД БЕЛОРУСИЈА

Хафнер, Кун, Винчек, Гола, заедно со „страшниот“ Волф и понатаму се доволна база на играчи да ја сметаме Германија за сериозен притивник, без разлика кој стои на другата страна на теренот. Иако, големиот Андреас Волф ги „почести“ белоруските репрезентативци со едно очајно прво полувреме, оставајќи ги да се надеваат на добар резултат, во второто со еден мал дел од својот репертоар, заедно со денес феноменалниот Хафнер ја совлада солидната селекција на Белорусија. Момците на Јури Шефцов и ќе имаа некаква шанса на денешниот натпревар, доколку се најдеше партнер на Каралек во зоната 6-0. Факт е дека клупата на Германците не е доволно долга за да одат до крај, но спортот памети и такви ситуации, кога Хрватска на Лино Червар со „одабрана чета јунаке“ долги години беше страв и трепет за светскиот ракомет. Не би било фер во „извештајот“ за овој натпревар да не ги забележиме врвните претстави на кружните напаѓачи Гола и Каралек, како показател за класични напаѓачи, кои играат на било која позиција во одбранбената зона. Секој тренер да ги посака во својот тим.

ИСЛАНД СО КАРАКТЕРИСТИЧНА 6-0 И ПАЛМАРСОН И МАГНУСОН ВО НАПАДОТ КАНДИДАТ ЗА НАЈВИСОК ПЛАСМАН

Исланд од друга страна изгледаше застрашувачки во дуелот со, се поконкурентната Португалија, покажувајќи и на ракометна Европа дека „рибарите“ не се само Арон Палмарсон и Омар Иги Магнусен. Исланд пред некоја година направи смена на генерација и сега со плејада млади играчи на возраст 22-25 години, кои веќе се дел од силните европски лиги, ќе се обиде да ги нападне најдобрите европски селекции. Перспективна екипа, поддржана од над временскиот Палмарсон, неверојатниот Магнусон и искусниот Густавсон. Нивната 6-0, со играчи на висина околу 1.90, феноменално подвижна и изненадувачки цврста, во минатото, но и на вчерашниот натпревар покажа врвни перформанси. Нападот е карактеристично базиран на многу прецизна топка, добар залет, брзи бекови, кои менуваат места и можат да играат на сите позиции, што резултира со шутеви од различни позиции и дистанци на што зоната тешко се адаптира. Транзицијата е „стара лектира“ во исландскиот систем, како дополнение на успешната зона и зачеток на многу лесни и за противникот фрустрирачки погодоци. Овој Исланд пријави кандидатура за расипување на сметките на скандинавските земји околу поделба на медалите.

РОГАНОВИЌ „НАЈДОБАР ИГРАЧ“, СИМИЌ И ВУЈОВИЌ ЕДИНСТВЕНИ ВЕДЕТИ ВО ЦРНОГОРСКИОТ ТИМ

По стартниот пораз на нашите момци против Словенија, денес одиме на мегдан со репрезентацијата на Црна Гора, реално селекција со доста понизок рејтинг од нашиот, со помалку настапи, една единствена победа на европските првенства. Но, и селекција која е една од најголемите „жртви“ на Ковид вирусот. Половина репрезентација моментално или претходниот период е или беше во изолација, а еден мал и многу важен дел повредена. Затоа, Македонија, со добар залет од премиерното солидно издание, корекции и дотерување во некои сегменти треба (да не кажеме мора) да ги освои бодовите.

Нивниот најдобар играч е селекторот Рогановиќ, кој како играч настапуваше и во Македонија, па во Шведска каде и ја стартуваше својата тренерска кариера и каде сè уште работи. Човек кој ги прифатил принципите на скандинавскиот ракомет, од секој аспект и во мнгоу е заслужен за нормализирање на односите на една од нај карактеристичните балкански селекции.

Сепак, Рогановиќ не е маѓионичар. Црна Гора има добар чувар на мрежата, еден од ретките репрезентативци кој има солидно реноме во европскиот ракомет. Небојша Симиќ е бундес-голман и сигурно најдобар играч (иако не го покажа тоа со Данците) на селекторот Рогановиќ. Исто така, Црна Гора го има Бранко Вујовиќ, кој исто така игра во голем клуб е играч за респект, играч со добра „физика“, солиден шут, но не е дополнителна вредност на тимот или селекцијата за која настапува.

ПЛИТКАТА И ГУСТА 6-0 ЌЕ НЕ ЗАШТИТИ ОД „ДОСАДНИТЕ“ ДУЕЛ ИГРАЧИ, А ШПАНСКИОТ СИСТЕМ НА КАПИТЕНОТ ЌЕ ЈА РЕШАВА 5-1 ЗОНАТА НА ПРОТИВНИКОТ

Што може да очекуваме?

Одбрана 5-1, затоа што, за чудо кога се работи за Црногорци, во моментов нашиот противник нема габарит за 6-0. Лазовиќ, пивот кој игра како заден играч на таа зона, со една измена во фазата напад одбрана и агресивност и контакт игра над нашите млади играчи. На позиции 2 и 5 стандардно играат Бранко Вујовиќ и еден од левите или средни бекови. Вујовиќ има огромни задолженија во напад, каде што во многу зависи играта од него, па својствено на тоа одбраната ќе биде во втор план. Чешиќ, Калуѓеровиќ или Симиќ тешко можат да бидат конкурентни на секоја поставка на Стоилов или Пешевски. Филип Вујовиќ е еден од адутите на Рогановиќ на позиција преден, лево крило со солидни квалитети, агресивност и „мозок“ за позицијата која ја игра.

Од друга страна, нападот на Црногорците стартува со развлекување, широки вкрстувања, кои многу често треба да завршат со продор или шут на брзиот Бранко Вујовиќ. Неговата прва опција и многу често единствена е голот. Линијата и проигрувањето е оставено на другите играчи. Од она што го видовме со Данска, левите и средните бекови се исклучително „досадни“ во дуел играта, нешто спротивно на нашите играчи, обидувајќи се да дојдат до 6-7 метри од каде се чуствуваат комотни да шутнат и постигнат гол. Генерално, голем дел од Црногорците се немоќни надвор од 9 метри. Тоа треба да се искористи и верувам дека селекторот тоа одамна го нотирал и ќе знае да постави против игра.

Македонија покажа дека може да функционира со плитка 6-0 зона и против многу посериозен противник, зошто да не веруваме дека денес ќе бидеме уште поуспешни. Надополнети со одличниот Томовски, а од денес и искусниот Митревски, нашата селекција не смее да биде над 24 примени погодоци, ако сака победа со комотна разлика која нема да биде неважна имајќи предвид дека и покрај пораз од Данска остануваме во посакуваниот шешир за следните квалификации.

Нападот ќе го презентира т.н шпански систем со изолација на предниот играч на противничката 5-1, на една или друга страна и игра 1 на 1 или 2 на 2 со пивот од кој понатаму ќе се влече играч повеќе или реализација. Апсолвирана ситуација по повеќе од 10 месеци „шефување“ на капитенот со репрезенатцијата.

ПРЕДРАСУДИТЕ НА РЕГИОНОТ ВО КОЈ ЖИВЕЕМЕ ГО ОСТАВИЈА ИЗВЕСЕН ЛУК СТЕИНС ИЛИ ЛУКА ЦИНДРИЌ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ПИЖАМИ ЗА ВРЕМЕ НА ЕП

Победата на Холнадија на вчерашниот натпревар пред 20.000 гледачи во новата арена сè уште одекнува и ја враќа надежта дека ракометот и не е така предвидлив спорт, иако многу често и во клубскиот ракомет „фаворитите“ ги освојуваат бодовите. Но, натпревар како натпревар, мора некој да победи. А на истиот, во победничката екипа „малиот генерал“ Лук Стеинс со многу малку над 170 см висина, моторика од соништата, техника до перфекција и срце за цела населба, играч кој и не е непознат на светскиот ракомет имајќи предвид дека игра во Градот на Светлината кај големиот Раул Гонзалес, создава чуда, поентира, разигрува, водејќи ја својата Холандија на степен погоре на ракометната скала. Но, воодушевува системот од кој тој излегол, менталниот склоп на земјата и опкружувањето во кој се родил.

Зошто го зборувам сето ова?

Македонија синоќа загуби натпревар кој, доколку имаше „разигрувач“ во својот тим ќе имаше друг епилог. Можеби… Прашањето е дали овој регион до Словенија, за да не одиме со онаа старата дека се ние Македонците нешто лошо правиме, би му дал шанса на Лук да игра, да превземе одговорност и да прерасне во голем играч. Многу тешко…Овој регион е полн со предрасуди за тоа кој може, а кој не, кој има или нема килограми, сантиметри, моторики, координации…особено сантиметри. Ракометот се развива во нови димензии и треба да го „отвориме мозокот“ за да можеме да ги препознаеме „вистинските“. Загреб и хрватскиот ракомет не го препозна Циндриќ, па „силом прилике“ по повредата на Мојсовски, Червар го донесе од Карловац во Металург. Останатото е историја…

Мала дигресија за сите ние кои работиме во базата и треба да „икопаме“ некој нов Лук Стеинс или Лука Циндриќ, да му дадеме да игра, да се развива…

Да ги победиме денес Црногорците!

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет за секое дете