Пресврт од соништата: Чупиќ и Циндриќ ја вратија Хрватска на патот кон Токио

После вчерашниот пораз и негативните 9:12 на полувреме против Португалија, селекцијата на Хрватска дојде до голема победа од 25:24 откако во последните пет минути дојде до голем пресврт и до победа со која Хрватска останува на патот кон Токио, но некои работи ќе мора да се поклопат и утре и да се обезбеди посакуваното.

Хрватите имаа лошо прво полувреме после кое губеа со три гола разлика. Имаа минус три, па мораа да се снаоѓаат на теренот за да се вратат во игра. За да биде уште полошо на стартот на второто полувреме резултатот беше 10:16 и веќе стануваше тешко да се следи ритамот на Португалците кои играа сè подобро.

Во овој период најрасположен за игра беше ракометарот на Вардар, Иван Чупиќ кој речиси сам се бореше со противникот и ја топеше предноста. Хрватска полека се враќаше во игра и ова резултираше со возбудлива последна четвртина од средбата.

Португалците и понатаму беа во предност, но истата беше намалена до два гола. Хрватска притискаше и понатаму, па се бараше начин како да се дојде до нешто повеќе односно да се избори резултат со кој ќе може да се стигне до поголема шанса во финишот за победа.

Работите станаа подобри откако во 54. минута дојде до израмнување на 21:21. Тука Почна игра гол за гол. Хрватите израмнуваа постојано, а откако Чупиќ израмни на 23:23 дојде до погодок од страна на Дувњак за прво водство и тоа во моменти кога селекторот на Португалија ризикуваше со 7 на 6, па на Домагој не му беше тешко да погоди во празниот гол. Потоа следуваше гол за израмнување од Португалија, а Циндриќ ги постави конечните 25:24 бидејќи после прекршокот не остана време за Португалците за напад и последниот шут заврши без реализација.

Вардарецот Иван Чупиќ ја заврши средбата со девет од девет, по четири гола имаа Циндриќ и Мандиќ. Марин Шего имаше пет интервенции, додека Пешиќ две што е премалку за ваков натпревар. Кај Португалците Мануел Гаспар имаше седум одбрани додека најефикасен беше Ирутиза со пет гола.

Утре ќе биде максимално интересно бидејќи постои уште надеж и за Португалија, но ќе има многу математика.