Прв интернационален предизвик: Гоце Ѓоргиевски потпиша за клуб од Италија!

Довчерашниот ракометар на Радовиш, Гоце Ѓоргиевски, кој во есенскиот дел од оваа сезона настапуваше во тимот на Љупче Мијалов, во продолжението од натпреварувачката сезона 2022/23 својот квалитет ќе го прикажува низ Италија.

Левиот бек ќе го има првиот интернационален предизвик во својата кариера, откако потпиша со италијанскиот второлигаш Монтепрандон.

Се работи за клуб, кој што се наоѓа на 13. позиција на табелата во второто по ранг натпреварување во Италија и главната цел на екипата е да обезбеди опстанок.

Ѓоргиевски во својата кариера настапуваше и за екипите на Делчево, Весна Акумулатори и Текстилец. Новиот интернационалец од Македонија сѐ уште е најдобриот голготер во историјата на некогашниот прволигаш Делчево.

Во Италија настапува и поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Дарио Петровски, кој го носи дресот на прволигашот Јуниор Фасано.