Прва плеј-оф радост за Охрид, Еурофарм Пелистер 2 не ги искористи своите шанси

Охрид со победа во Битола против Еурофарм Пелистер 2 од 26-23 (14-11) го отвори пролетниот плеј-оф дел од сезоната во македонската лига.

На самиот почеток Охрид создаде предност од два погодока, разлика која остана недостижна за домашната екипа. Иако помладите битолчани веднаш возвратија, на неколку пати го израмнија резултатот и не дозволија противникот предвреме да ја прослави победата, финишот на првиот дел им припадна на гостите. Затоа на пауза Охрид замина со предност од 14-11.

Мотивираните битолчани на почетокот на второто полувреме успеаа да ја вратат резултатската рамнотежа и во 36. минута со голот на Ивановски да го постават резултатот 15-15, за брза реакција на клупата на Охрид. Во наредните 5 минути Охрид повторно создаде предност од три голови, која ја одржуваше низ средината на вториот дел. Во последните седум минути од дуелот Охрид влезе со само гол предност. Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 имаа три шанси повторно да го израмнат резултатот, но додавањето на Арсеновски во контра-напад го прочита одбраната на Охрид, а во следните два обиди, поуспешен беше одличниот голман Миленковиќ. Ниту по тајм-аутот на клупата на Еурофарм Пелистер 2 домашните ракометари не успеаа да го изедначат резултатот. На две минути до крај со техничка грешка му дозволија на Охрид да се врати на “плус два” што значеше крај за надежите за поволен резултат. Каракоч стави точка на овој дуел за победа на Охрид со конечен резултат 26-23.

Најпрецизен во редовите на домашниот тим беше Стоилевски со 8 голови, додека Павле Петровиќ и Хтистијан Митревски постигнаа по 4. Листата стрелци во Охрид ја предводеа Цирар и Дрогришки со по7 голови, ги следеше Бојаниќ со 4.

Во составот на Еурофарм Пелистер 2 дебитираа Маџовски, Мијушковиќ и Стоилевски. Во составот на Охрид за прв пат настапија Словенецот Цирар, Боудрали, Дрогишки и турскиот интернационалец Каракоч. Натпреварот се одигра во убава атмосфера, пред навивачките групи на двете екипи.