Фарски Острови веќе не се сензација, ја совладаа и Норвешка!

Репрезентацијата на Фарски Острови, која на Европското младинско првенство во Португалија ја изненади репрезентацијата на Данска во групната фаза, денес го направи второто изненадување, откако триумфираше над репрезентацијата на Норвешка, со резултат 33:31 (16:16), во натпревар за разигрување за пласман од 9 до 16 место.

Фарски Острови во натпреварот против Норвешка беше предводена од средниот бек на шведски Савехоф, Елиас Елефсен, кој беше незадржлив на теренот, постигна 12 погодоци од 16 обиди, со што и овозможи на својата репрезентација борба за подобар пласман на младинскиот континентален собир. Елефсен имаше и 11 асистенции кон неговите репрезентативни колеги.

Со остварените резултати над Данска и Норвешка, репрезентации кои секогаш се наоѓаат на врвот на европскиот ракомет, репрезентацијата на Фарски Острови потврди дека машкиот ракомет на островската земја е во голем подем.

Новиот член на Еурофарм Пелистер 2, голманот Василије Печурица, имаше солидна партија во натпреварот против Исланд, забележа 16 интервенции, но неговата репрезентација беше убедливо поразена со 28:41(13:18). Црногорците во групната фаза забележаа три порази, од Франција, Хрватска и Шведска, и со денешниот пораз ги загубија шансите за солиден пласман на Европското младинско првенство во Португалија.