„Почнуваме на 1 јули – но не знаеме како ќе ги донесеме Ристовска и тренерот Лесли во Русија“

Тимот на ЦСКА Москва, каде што игра македонската интернационалка Сара Ристовска, ќе ги започне подготовките за следната сезона на 1 јули.

Но раководството се соочува со големи проблеми пред нивниот старт со оглед на ситуацијата со коронавирусот и затворените граници. За рускиот „Р-Спорт“, тоа го потврди генералниот директор на московскиот клуб, Едуард Акопјан.

„Првиот тренинг е планиран за 1 јули. Но се уште не знаеме како дотогаш ќе ги донесеме во Русија главниот тренер од Данска – Јан Лесли, Сара Ристовска од Македонија и Сабина Јакобсен од Шведска. Тие имаат работни визи, дозвола за работа и договори со ЦСКА, но аеродромите во нивните земји се уште се затворени. Ние би сакале да дојдат до 16 јуни во Москва, па да поминат две седмици во карантин пред стартот на подготовките. Секој ден разговараме со амбасадите на овие земји во Русија, но се уште е неизвесно кога тие ќе можат да дојдат“, вели Акопјан.

ЦСКА Москва според пласманот на првенството обезбеди место во Лигата на Европа, но поднесе барање за место во Лигата на шампионите и сосема извесно ќе го добие.