Iceland - Portugal, IHF 2023 Men's World Championship - POLAND, SWEDEN, Kristianstad, 12.01.2023., Mandatory Credit © Jure Erzen / kolektiff

Португалија со победа над Унгарија до првото место во групата Д

Португалија со победата над Унгарија од 27:20 (16:9) стигна до првото место во групата Д што се играше во Кристијанштад. Во кругот од три репрезентации благодарение на вечерашната победа од седум разлика Португалија е прва (+3 гол разлика), пред Исланд кој е втор (+2), а Унгарија е трета (-5). Сите три репрезентации завршија со по 4 бодови и пренесуваат по 2 во следната фаза.

Првото полувреме беше во знакот на Португалија и пред се на нивната одлична одбрана предводена од извонредниот голман Мигуел Фереира (9 одбрани прв дел), па Унгарија по 18.минути имаше постигнато само два гола, а во 22.минута беше 13:4. Во финишот на првиот дел сепак Унгарците го намалија водството на противникот. Инаку, македонската судиска двојка Начевски – Николов во првата минута сосема оправдано го исклучија Унгарецот Сипош.

И во второто полувреме Португалија беше репрезентацијата која знаеше што сака и во 48.минута повторно имаше +9, а Фереира продолжи со одбраните и дуелот го заврши со 15 одбрани. Најефикасен беше Франциско Кошта со 6 голови.

Ко-домаќинот Полска се намачи да дојде до првата победа на Мундијалот и вечерва ја совлада Саудиска Арабија со 27:24 (13:12). Репрезентацијата на С.Арабија која е предводена од Јан Питлик, водеше во поголемиот дел од првото полувреме, но сепак полските ракометари се изборија за минимално водство по 30 минути игра. Во текот на целиот втор дел Полска имаше водство, а кон средината и високи пет голови (21:16). Полска со оваа победа прва избори пласман во главната фаза.

Очекувана и лесна победа постигна и вториот домаќин Шведска совладувајќи го Уругвај со 47:12 (25:8). Шведска е прва во групата Ц и ќе пренесе 4 бодови во следната фаза.

Истото го направи и Шпанија со победата над Иран 35:22 (21:11). Шпанија заврши прва во А групата, додека Иран го освои третото место и се избори за следната фаза.