Поранешна репрезентативка на Македонија и на 37 години игра во одлична форма (ВИДЕО)

Поранешната репрезентативка на Македонија, Мери Гичева, иако има 37 години, сѐ уште е активна во ракометните води. Со својата препознатлива игра, која се базира на удари од 10-12 метри, е носител на суперлигашот од Косово, Феризај.

Во оваа сезона на 14 одиграни натпревари во Супер лигата во Косово во мрежата на противниците има постигнато 106 голови, односно 7,5 гола по натпревар. Прилепчанката има големи шанси да заврши меѓу најдобрите пет стрелци во косовскиот шампионат.

Македонката во одлично светло се претстави и на европска сцена, односно во Европскиот Куп. Иако, Феризај во годинешниот настап во споменатото натпреварување беше елиминиран во раната фаза, Гичева на двата натпревари против Јуро Унирек постигна вкупно 13 погодоци.

Гичева во својата кариера настапуваше за Тутунски комбинат, Кометал ЃП, Пелистер, Кабран Амбалажа, Жито Прилеп, Деспина, како и во клубови од Италија, Романија, Грција и Косово.

Во Феризај настапува заедно со двете поранешни ракометарки на Кометал ЃП, Веселинка Треноска и Ива Стојковска, која го носеше дресот и на Вардар.