Пораз на премиерата за Еурофарм Пелистер, Колстад носи бодови од Битола

Ракометарите на Еурофарм Пелистер со пораз го стартуваа настапот во Лигата на шампионите, откако на свој терен беа убедливо поразени од Колстад со 31:22. Играч на натпреварот беше голманот на Колстад, Торбјорн Бергеруд. Искусниот голман зад своето има запиша дури 20 интервенции. Пелистерци уште во воведниот дел влегоа во негатива од пет до шест гола и после тоа имаа тежок предизвик да се носат со дебитантот во најквалитетното европско натпреварување.

Дуелот меѓу македонскиот и норвешкиот шампион беше отворен со голот на најновото засилување на пелистерци Богдан Радивојевиќ. По предноста на Еурофарм Пелистер од 1:0, гостите од Норвешка постигнаа четири гола во низа и во 7-та минута дојдоа до 4:1. Серијата од 4:0 на Колстад беше причина тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ да побара тајм-аут и да направи неколку измени во ростерот.

На местото на Цехте влезе младиот Петровиќ, но босанскиот интернационалец во три наврати не успеа да го совлада расположениот голман Бергерут. Колстад одлично ги користеше дупките во одбраната на Еурофарм Пелистер, најмногу на левата и десната крилна позиција, врза уште три гола и во 12-та минута имаше 7:1.

Македонскиот шампион вториот гол на натпреварот го постигна дури во 13-та минута преку Цехте. Минута подоцна, Радивојевиќ со својот втор гол намали на 7:3. Бергерут за 15 минути имаше осум интервенции и беше најзаслужен за предноста на неговиот тим од плус седум гола разлика, 10:3. Следуваше период, во кој во поглед на разликата ништо не се смени.

Норвешкиот шампион доминираше на теренот, во 20-та минута имаше 12:4 и во последните десет минути дозволи домаќинот да намали дел од негативата. Сепак, гостите не ја испуштаа предноста од шест до седум гола разлика и на полувреме заминаа со 16:10.

По неколку нереализирани напади на почетокот на второто полувреме, тимот на Колстад врза три гола во низа и во 35-та минута ги имаше највисоките дотогаш плус девет, 19:10. Пелистерци мразот во вториот дел го скршија во 36-та минута со голот на Дарко Стевановиќ, кој намали на 19:11.

Во 40-та минута, тимот на Еурофарм Пелистер го имаше првиот шут од лево крило ,а реализатор беше Кузманоски. По пет минути игра, односно во 45-та минута, предноста на Колстад изнесуваше осум гола разлика, 14:22. Битолскиот тим во последните петнаесетина минута се обидуваше да дојде до помала негатива, но гостите преку расположените крила ја одржуваа високата предност.

Кај Еурофарм Пелистер најефикасен беше Богдан Радивојевиќ со шест погодоци, четири додаде Нејц Цехте, три реализации имаше Урош Борзаш, два погодоци постигна Каспер Кисум, по еден додадоа Цветан Кузманоски, Марио Танкоски, Домен Тајник, Ненад Костески, Павле Петровиќ, Дарко Стевановиќ и Жарко Пешевски.

Во победничката екипа најефикасен беше Адриан Алберг со девет погодоци, осум имаше Бјорн Гудјонсон, додека голманот Торбјорн Бергеруд ги откажа пелистерци со своите 20 интервенции.