Познат осмиот град за СП 2023, и Краков ќе биде меѓу домаќините

Светското првенство  за сениори кое во 2023 година треба да се одржи во Полска и Шведска, веќе има осум градови домаќини, а до крајот на оваа година се очекува промоција и на уште еден град од Полска кој ќе ги пречека најдобрите ракометари во светот.

Натпреварувањето е предвидено да се одржи од 11 до 29 јануари, а средбите во Шведска ќе се играат во Стокхолм, Малме, Гетеборг, Јонкопинг и Кристијанштад.

Во Полска досега се знаеше дека натпревари ќе има во Катовице и Плоцк. Новиот град кој се најде на листата на градови домаќини е Краков. Натпреварите ќе се играат во Таурон арената која може да прими околу 15.000 гледачи. Четвртиот град кој ќе има можност да биде домаќин на натпреварите е Гдањск, но неговата промоција за организатор се очекува да биде направена до крајот на оваа година.

Веќе се знае дека завршницата ќе биде во Стокхолм на Теле 2 Арена каде што ќе има можност за присуство на околу 19.000 гледачи. Другите градови ќе бидат домаќини на средби од разигрувањето.

На првенството ќе има место за вкупно 32 селекции, а досега се познати три учесници. Полска и Шведска се пласирани како домаќини, а Данска има директно место како последен освојувач на пехарот на Мундијалот во 2021 година. Првите четири селекции на следното Европско првенство исто така ќе си обезбедат директно место на првенството во 2023 година.