Познато е кои репрезентации ќе играат за злато на Медитеранските игри

По одигрувањето на денешните полуфинални натпревари во машка и женска конкуренција на Медитеранските игри во Алжир, познато е кои репрезентации ќе се борат за освојување на златниот медал.

Репрезентациите на Египет и Шпанија ќе играат во машкото финале, откако во полуфиналните натпревари беа подобри од Македонија, односно Србија.

Во првото полуфинале, Египет славеше убедлива победа над македонската репрезентација со 34:20, додека „црвената фурија“ во второто полуфинале беше подобра од Србија со 42:38.

Натпреварот за прво место, како и натпреварот за трето место, во кој Македонија ќе се бори за бронзениот медал се закажани за в среда ( 6 јули). Египет и Шпанија ќе играат во терминот од 17:30 часот, а Македонија со Србија ќе играат од 12:30 часот.

Кај дамите Шпанија и Хрватска ќе се борат за првото место на Медитеранските игри. Шпанија во првото полуфинале ја совлада Португалија со два гола разлика, 26:24 (12:13) и во финалето силите ќе ги одмери со Хрватска, која во второто полуфинале ја декласираше Србија со плус 11, 31:20 (16:12).

За третото место на Медитеранските игри ќе се борат Србија и Португалија. Овие две репрезентации се сретнаа во групната фаза. Србија тогаш успеа да го добие натпреварот против Португалија со 21:20.

Женското финале ќе се одигра исто така на 6 јули, со почеток од 15:00 часот. Натпреварот за бронзениот медал меѓу Србија и Португалија е закажан за 10:00 часот.

Женската репрезентација на Македонија која во Алжир настапуваше со кадетско-младински микс на ракометарки, со победата над домаќинот заврши на седмото место.