Дукоска и Миновска ја водеа Македонија до убедлив триумф над Алжир

Женската репрезентација на Македонија, која во Алжир настапува со кадетско-младински микс на ракометарки, го заврши настапот на Медитеранските игри со триумф над домаќинот со 31-23.

Со оваа победа, избраничките на Љубомир Савевски, завршија на крајот на седмото место, откако претходно во групната фаза загубија од Турција, Србија и Португалија.

Во првите дваесетина минути се играше израмнет натпревар, но во финишот на полувремето, по 12-13, Дукоска и Миновска погодија по два пати и со серија од четири голови, Македонија стигна до убедливи плус пет на пауза, 12-17.

На стартот на вториот дел нашата одбрана не прими гол цели десетина минути, а нападот реализираше шест гола и веќе беше 12-23, па стана јасно дека победникот е решен на овој натпревар.

Најдобри стрелци во нашиот состав беа Теодора Дукоска со осум гола и Сара Миновска со пет погодоци, а Борјана Коцева, Емилијана Ризоска и Јована Кипријановска реализираа по четири пати.