Познати деталите: Киселев користел кокаин, ЦСКА Москва го суспендира

Руската антидопинг агенција Русада денес ги објави резултатите од направените тестирања, кои биле спроведени по натпреварот од реванш дуелот од полуфиналето во рускиот шампионат помеѓу екипите на ЦСКА Москва и Пермски Медведи.

Како што е веќе познато, поранешниот ракометар на Вардар и актуелен репрезентативец на Русија, Дмитри Киселев бил позитивен на допинг тестирањето спроведено од антидопинг агенцијата Русада. Овој натпревар бил одигран на 14 мај годинава.

Директорката на Одделот за обработка на резултатите во руската антидопинг агенција Русада, Валерија Герман за „РИА Новости” официјално потврди дека екс ракометарот на Вардар користел кокаин.

,,Концентрацијата на кокаин е пронајдена во допинг тестот на ракометарот на руската репрезентација и московската ЦСКА, Дмитри Киселев, а објаснувањата на спортистот укажуваат на употреба на оваа супстанца после натпреварувачкиот период”, изјави Валерија Герман.

Екс ракометарот на Вардар заработи суспензија од три месеци и веднаш беше отстранет од тренинзите на ЦСКА Москва. Киселев ќе пропушти дел од натпреварите од рускиот шампионат, а неговото враќање на терените ќе биде дури во ноември.

Поранешен вардарец падна на допинг тест!