Поранешен вардарец падна на допинг тест!

Поранешниот ракометар на Вардар, Дмитри Киселев, кој во „црвено-црниот“ дрес настапуваше во сезона 2018/19 и успеа со македонскиот шампион да ја освои титулата во Лигата на шампионите, е суспендиран на три месеци од ракометните терени, откако бил позитивен на допинг тестирањето.

Руската антидопинг агенција Русада, ги објави резултатите од тестовите, кои биле направени по реванш натпреварот од полуфиналето од рускиот шампионат меѓу екипите на ЦСКА Москва и Пермски Медведи.

Овој натпревар се одиграл на 14 мај годинава, а по направените тестови, резултатите покажале дека Киселев е позитивен на допинг тестот спроведен од антидопинг агенцијата Русада. Екс ракометарот на Вардар веднаш бил суспендиран и отстранет од тренинзите на ЦСКА Москва.

Од клубот на Киселев излегоа со соопштение во кое истакнаа дека искусниот ракометар ги разочарал неговите соиграчи, како и целиот стручен штаб на московската екипа.

,,Нашиот клуб ги почитува принципите на фер натпреварување и чист спорт. Секако, ни пречеше тоа што еден наш ракометар ги запостави овие правила. Дмитри е еден од главните ракометари на нашиот клуб. Но, за жал, секој може да направи грешка. Тој го разочара тимот, неговите соиграчи, стручниот штаб и административниот персонал на клубот. Сигурни сме дека и самиот ракометар го разбира ова. Но, веруваме дека по суспензијата ќе се вклучи во тренажниот процес и игрите и ќе ги покаже своите професионални квалитети”, изјавија од ЦСКА Москва.

Киселев ќе пропушти дел од натпреварите од рускиот шампионат, а неговото враќање на терените ќе биде дури во ноември.