Познатата репрезентативка се врати во Македонија: Ленче Илкова ќе тресе мрежи за Гевгелија!

Поранешната репрезентативка на Македонија, Ленче Илкова по речиси 13 години печалба во странство, одлучи да се врати во клупскиот ракомет во Македонија и одново да заигра во македонскиот шампионат. Новиот тим на Илкова ќе биде во тимот на Гевгелија. Последниот клупски ангажман на Илкова во Македонија беше во дресот на Кометал ЃП во сезона 2008/2009.

По распаѓањето на Кометал ЃП, Илкова својата играчка кариера ја продолжи во Турција. Таму настапуваше за екипите на Муратпаша, Ускудар, Анкара, Кастамону и Измир. Со речиси сите тимови од Турција играше на европска сцена.

Илкова во дресот на Кометал ЃП мина две сезони, додека четири сезони настапуваше за Еуростандард ЃП. Својата кариера ја започна во екипата на Богданци. Искусната ракометарка, која игра на позиција кружен напаѓач, во 2008 година со репрезентацијата на Македонија го освои осмото место на ЕП, на кое нашата држава беше домаќин.

Претходно Гевгелија се засили со левиот бек Мери Гичева. Во Гевгелија се очекува да пристигнат уште неколку засилувања, со кои екипата од најјужниот град во Македонија ќе ја истакне кандидатурата за повисок пласман од ланската сезона.

Гевгелија во новата сезона ќе игра во групата А заедно со Скопје, Шампион, Спартак, Куманово, Пелистер, Чаир и Вардар. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека екипите кои ќе завршат од 5 до 8 место ќе играат во плеј-аут групата.