Петрески: Голем предизвик е доаѓањето во Тиквеш, заедно можеме до место во елитата!

Прволигашот Тиквеш од Кавадарци во пролетната полусезона ќе има нов тренер. Искусниот стратег Томе Петрески, кој досега седеше на клупата на ЖРК Пелистер ќе се пресели во Кавадарци да го преземе амбициозниот проект за камбек на кавадарчани во Суперлигата.

„Секако дека е голем предизвик за мене ангажманот во Тиквеш. Управата на овој тим го гради овој проект подолго време, сериозно и амбициозно. Мислам дека заедно сме подготвени да се најдеме во Суперлигата. Договорот ми е до крајот на оваа сезона, а за понатаму ќе видиме. Многу време за позначителни промени нема да има, бидејќи имаме уште две кола до плеј-офот, но сметам дека екипата ќе расте од натпревар во натпревар“, вели Петрески.

КЛ7 го има на располагање Мартин Серафимов, Аеродром смета на Младеновиќ и Додиќ, а Тиквеш ги Кондев и Мелоски на „двојна“.

„Досега Тиквеш е без пораз, и жал ми е што не се пренесуваат бодовите во плеј-офот. Доста екипи се засилени со играчи на двојна регистрација. Кавадарчани играат брз ракомет, сакаат да влечат полуконтра, играат брз центар, а тоа значи дека брзо ќе се адаптираат на мојот стил“, заврши Петрески во изјавата за 24Ракомет.

Останува да се доиграат уште две кола од регуларниот дел на Првата лига, а на 21/22 март ќе започнат и битките за место во елитната конкуренција.