Перфектен Лазаров за убедлив триумф на Нант

Ракометарите на Нант остварија убедлива победа на гостувањето кај Шамбери во 8. коло од најсилната лига на Франција со 35:26.

Кире Лазаров и соиграчите после поразот и ремито претходните две кола повторно им се враќаат на победите. Нант уште по првиот дел обезбеди сигурно водство, кога имаше 20:10 што беше доволна предност за конечна победа.

Шамбери се држеше добро во почетните 20 минути, но финишот на првиот дел беше одлучувачки кога Нант обезбеди двоцифрена предност. Во продолжението гостите рутински одиграа и освоија нови бодови.

Кирил Лазаров имаше перфектно издание со пет погодоци од пет обиди од кои четири беа од седум метри. Поефикасни од капитенот на Македонија беа Тибо и Балагер со по шест погодоци. Во тимот на Шамбери најефикасен беше Ришер со шест гола.