Пелистер ја освои Гевгелија

Ракометарките на Пелистер прославија нова победа во Женската лига, откако триумфираа на гостувањето кај незгодната Гевгелија со 30-29.

Битолчанки ја диктираа играта во првиот дел и имаа предност и од пет гола, 13-8, а на пауза се замина со 18-14.

Упорните домаќинки во второто полувреме полека ја стопија предност на Пелистер и намалија на 23-22. Во продолжение предноста на гостинките, кои остаана без Сара Рујановска која доби црвен картон поради три исклучувања, се движеше меѓу два и три, но во финишот Гевгелија успеа да најави драма.

Домаќинките одново се доближија на минус еден, 28-27, пред стратегот на битолчанки Адријано Котевски да побара тајмаут.

Французинката Франсоа со удар од далечина донесе плус два за Пелистер 29-27, Димитрова ја врати неизвесноста, но битолчанки преку Дишковска одново реализираа и тоа беше доволно за триумф.

До крајот, искусната Гичева погоди за 30-29, гостинките ја задржаа топката до крајот и ги освоија бодовите. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мари Франсоа со девет и Моника Босилковска со шест гола, додека кај Гевгелија, искусните Гичева и Илкова погодија по девет пати. Пелистер сега има 25 бода и сигурно место во плеј-офот, додека гевгеличанки ќе играат во плеј-аут.