Пелистер си замина со три бода од „Кале“

Ракометарите на Пелистер дојдоа до вториот триумф сезонава и со новите три бода се искачија на 6. место. Денеска го совладаа тимот на Работнички со 34:29 на гостински терен и на тој начин дојдоа до три значајни поени.

Испитувањето на силите траеше дваесетина минути. Во овој период ниту еден тим не успеа да направи поголема предност од еден гол така што сè беше во границите на неизвесноста и имаше возбудувања.

Така беше до 8:8 кога гостите успеаја да најдат начин како да дојдат до првата предност од четири гола. Со серија од 4:0 стигнаа до водство од 12:8, а ова се должеше пред сè на подобрата игра во одбрана. Имаше неколку пресечени топки после кои лесно се доаѓаше до погодоци со оглед на тоа што се реализираа контрите.

Овие четири гола без поголем проблем беа задржани до крајот на првото полувреме, па на одмор се замина со предност од 17:13.

Вториот дел стартуваше со иста игра. Пелистер ја имаше контролата на резултатот, но така беше неколку минути. Брзо дојде до смена на ритамот откако Работгнички тргна со игра 4-2 во одбрана. За момент гостите не успеаја да се снајдат па ова ги врати домашните во игра и намалија на 23:25 на средина од второто полувреме.

Сепак, откако беше најдена игра која ќе донесе резултат, а тука главно Талевски постигнуваше лесни голови одново беа вратени четирите гола разлика и мечот се водеше кон сигурен триумф. Во последните десет минути разликата постојано беше 4-5 гола така што немаше проблеми за гостите да дојдат до победа на овој дуел. Едноставно имаа порасположен голман и поцврста одбрана, но и ги казнија речиси сите грешки на противникот.

РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР        29:34 (13:17)

Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 50. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески од Прилеп. Делегат: Петре Климкаров од Велес.

РАБОТНИЧКИ: Петковски, Куртановиќ, Осман, Михајловиќ, Гичев 1, Фиданов, Барлакоски 1, Темелковски 3, Полијак 5, С. Кочаров, М. Кочаров, Јосифовски, Палевски 7, Бошковски, Сулима 8, Илиевски 3.

Седмерци: 6/9, Исклучувања: 4 мин.

ПЕЛИСТЕР: Ристовски, Ивановски, Трајковски, Блажевски, Петровски 8, В. Димитровски 2, Митревски, Мандиќ, И. Димитровски 6, Јовановски, Петковски, Димитров 5, Талевски 10, Илиев, Буторац 3, Вардовски.

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 10 мин.