Пелистер падна пред Вардар Јуниор

Ракометарите на Вардар Јуниор и Пелистер го отворија 9. коло од Суперлигата. Мотивираниот домаќин прослави победа со 29-25, откако го скрши отпорот на гостите во второто полувреме.

Во првото полувреме најчесто се играше гол за гол, а прво поконкретно водство имаше домаќинот, 11-8. Сепак пелистерци возвратија, па пред паузата поведоа со 11-12. Сепак на полувреме се замина со нерешен резултат, 12-12, откако Ќосевски погоди од пенал.

Битолчани водеа со 16-18 во вториот дел, но потоа избраниците на Зарков снемаа идеја во нападот, па Вардар Јуниор направи серија од четири голови, па поведе со 20-18. Имаа домашните и 23-20, но Пелистер намали на 23-22, имаше и контра за реми, но Талевски промаши.

Беа казнети пелистерци за уште две грешки и Вардар Јуниор на пет минути до крајот повторно имаше плус три, 26-23. До крајот домаќинот само играше долги напади, па немаше време за битолчани да бркаат барем реми. Натпреварот заврши 29-25.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ќосевски со седум и Кукуловски со шест погодоци, додека кај Пелистер се истакнаа Талевски со седум, како и Трајковски и Петровски со по четири голови.