Павлетиќ: АЕК ќе дојде мотивиран, но ги знаеме нивните добри страни и одиме на победа

Еурофарм Пелистер утре во рамките од 10. коло го очекува натпревар против АЕК. На претходниот натпревар во Грција Е.Пелистер забележа победа од 30:27, па битолчани се надеваат на позитивен резултат и сега на домашен терен.

Натпреварот со АЕК го најави Јосип Божиќ-Павлетиќ.

„Групата е многу изедначена, имаме групи во кои екипи со 10 бодови веќе поминаа, кај нас не е така. Но, нема врска не ни одговараа некои резултати, утре имаме натпревар, одиме на победа. Се спремивме максимално знаеме дека ќе дојдат мотивирани за да победат, но ние играме дома пред нашите навивачи и верувам во победа“.

На АЕК Павлетиќ гледа како на борбена екипа со добри индивидуалци.

„АЕК е една добра екипа со неколку добри индивидуалци, многу се борбени. Таму победивме полесно отколку што мислевме, меѓутоа потоа ја подобрија формата и забележаа некои одлични победи. Ги знаеме нивните квалитети, знаеме во што се добри, се припремаме за тоа и се надеваме дека утре се ќе се поклопи и ќе славиме“.

Февруари беше тежок месец за Еурофарм Пелистер, но притисок не се чувствува.

„Не чувствуваме притисок на нас е да дадеме се од себе и тоа ќе го направиме, мислам дека резултатот нема да изостане. Не размислуваме сега за други работи, одиме да победиме. Февруари беше тежок за нас имавме проблеми и со корона и со повреди, сега ситуацијата е подобра. Има повреди се уште, но тие што сме тука треба утре да излеземе и да победиме“, изјави Павлетиќ.

Е.Пелистер веќе објави дека за утрешниот натпревар салата „Боро Чурлевски“ е максимално распродадена, па така сигурно дека поддршката за ракометарите ќе биде голема.