Очекуваме да играме на СП – ама играчите му откажуваат на селекторот

Од четворицата планирани ракометари за засилување на сениорската репрезентација после информациите дека постојат сè поголеми шанси Македонија да се најде на Мундијалот во Египет, двајца се појавија на тренинг. Се работи за пикерите Стојанче Стоилов и Никола Маркоски така што Македонија добива на искуство плус во завршните подготовки и пред вториот дуел со Чиле.

Како што најави Брестовац доколку постои можност Македонија да замине на Светското првенство составот може да претрпи измени, но играчите кои ги повика почнаа да откажуваат.

Прво Гоце Георгиевски не беше во можност да го прифати повикот, а потоа и Дејан Манасков. Левото крило на Веспрем пријави повреда и нетренирање после завршниот турнир во Лигата на шампионите така што не е подготвен да помогне на овие подготовки и евентуално на Светското првенство доколку има шанса.

Стоилов и Маркоски ја засилуваат пивотменската позиција, но и одбраната така што и за дуелот против Чиле в недела се добива на квалитет плус во составот. Прашање е дали овие мини подготовки ќе бидат доволни за да се покаже најдоброто на теренот во Египет, ако може да се настапи.

Сепак, шансите за заминување во Египет како замена за Чешка засега се минимални. Чесите не се откажуваат од можноста за настап бидејќи велат дека ќе одат на Мундијалот дури и доколку треба да направат целосно нов состав кој нема да има ниту еден заеднички тренинг пред патот.

Меѓутоа, никој не може да ја одземе ниту надежта на репрезентативците од Македонија. Додека не почне првенството шансите постојат некој состав да се повлече од играњето така што до среда сонот може да биде остварен.