Охриѓани се наместија зад Металург

Ракометарите на Охрид одиграа одлична средба против Бутел Скопје и дојдоа до победа од 24:22 со што си обезбедија три важни бодови со кои се најдоа на 2. место на табелата веднаш зад Металург.

Во две сосема различни полувремиња на крајот победата припадна за тимот кој успеа да покаже повеќе во завршниот дел од средбата. Домашните отворија подобро и беа во предност. Поведоа со 2:0, а потоа и со 5:1, но тука застанаа и дозволија гостите со 6:0 да го свртат натпревар. Сепак, после 5:7 тие имаа 4:0, па одново го вратија водството по што следуваше израмнување на 9:9.

Од тој момент до крајот на средбата практично се играше гол за гол и на одмор се замина со нерешени 13:13.

Второто полувреме почна со израмнета игра. Никој не успеа да направи предност поголема од еден гол до 17:17. Тука следуваше 3:0 за Охрид и во 46. минута резултатот беше 20:17. Овие три гола без проблеми се чуваа. Предноста се зголеми и до четири разлика, а при 24:20 во 56. минута веќе стана јасно кој ќе дојде до бодовите.

Гостите успеаја да намалат, но веќе немаше доволно време за да може да се стори и нешто повеќе, па бодовите останаа за ракометарите на Охрид.

ОХРИД – БУТЕЛ СКОПЈЕ              24:22 (13:13)

Сала: СЦ „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегат: Славчо Каланоски од Струга.

ОХРИД: Даниловски, Брауновиќ, Андоноски 2, Кривокапиќ 4, Блажески 3, Костов, Гошевски, Цителишвили 1, Соколов, Тасески 2, Манасков 2, Ивановски, Ристески, Димитриески, Анастасовски 2, Тот 8.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 10 мин.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Блажески, Даскалоски, Димов, Дрпљанин, Младеновски 2, Стојановски 1, Ѓеоргиевски 1, Шокоски, Спасовски, Мојсоски 2, Милошевски 5, Миланов, Ацев, Печенковски 4, Василевски 2, Мајиќ 5.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 14 мин.