ОХРИД 2023: Бутелци издржаа едно полувреме, Еурофарм Пелистер со победнички старт

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер со победа го започна настапот на меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски-Усташ“ во Охрид, откако  во дуелот со Бутел Скопје триумфираше со 32:21.

Реновираниот тим на Бутел Скопје покажа храбра игра во дуелот со македонскиот шампион, посебно во првото полувреме кога во неколку наврати имаше резултатска предност и рамо до рамо се носеше со поискусната екипа. Откако имаше израмнет старт, бутелци со погодоците на Бошковски и Јефтиќ се одлепија на плус два гола разлика, 5:3.

Еурофарм Пелистер го имаше расположениот Борзаш, па така со неговите два гола, како и со голот на Костески од контра, битолскиот тим направи пресврт, најпрво израмни на 5:5, потоа за првпат поведе со 6:5. Тимот на Кузманоски, кој речиси шест минути немаше реализација во голот на пелистерци, кризниот период го прекина во 15-та минута кога израмни на 6:6.

Двете екипи за пет минути игра постигнаа по еден гол, па така во 20-та минута резултатот беше нерешен, 7:7. До крајот на полувремето имаше голема борба на теренот, македонскиот шампион беше поконкретен, но Бутел Скопје со одличниот Блажески на голот добро се држеше во финишот од првиот дел. На полувреме резултатот беше 12:10 во корист за битолчани.

Тимот на Александар Јовиќ на стартот на вториот дел постигна два гола во низа, се одлепи на 14:10 и до финишот постепено ја зголемуваше својата предност. Шанса на голот во второто полувреме кај Еурофарм Пелистер доби и новото засилување Калифа Гедбан.

Бутел Скопје се обидуваше да остане во игра, во 40-та минута намали на 18:13, но го загуби чекорот со фаворитот и на крајот беше поразен со 11 разлика. Во последните десет минути се измешаа поставите кај двата табора и шанса имаа останатите ракометари од клупата.

Битолчани за следен ривал го имаат словачкиот вицепрвак Татран Прешов. Скопскиот тим во второто коло од турнирот ќе се соочи со Металопластика.

ОХРИД 2023: Бешикташ по шпански ноти до победа над Голден Арт

Повеќе детали за турнирот во Охрид 2023, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… ќе можете да најдете во делот посветен за турнирот на www.24rakomet.mk во главното мени на страната што ќе биде активен во вторник на 22 август 2023.

.

Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.