ОФИЦИЈАЛНО: Павле Петровиќ е новиот десен бек на Еурофарм Пелистер 2

Составот на Еурофарм Пелистер 2 од денеска и официјално е посилен за младиот ракометар од БиХ, Павле Петровиќ. 21-годишниот ракометар мина извесен период на проба во тимот од Битола, па откако помина успешно доби договор кој ќе биде со траење до крајот на оваа сезона.

Десниот бек во Битола пристигнува од суперлигашот од БиХ, Локомотива Брчко. Во оваа екипа ги помина сите младински категории, а последните сезони беше дел и од сениорскиот тим. Пред да пристигне во Еурофарм Пелистер 2, имаше понуди од клубови од Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија.

Новото засилување ќе биде втор ракометар од Брчко во битолското семејство по Невен Стјепановиќ кој игра за првиот тим. Петровиќ ќе дебитира на средбата против Јехона од Купот на Македонија која треба да се одигра утре во Битола.

Во плеј-оф натпреварите прв предизвик за Еурофарм Пелистер 2 ќе биде шампионот на Македонија, Вардар, а потоа ќе следуваат дуели со Струга, Охрид, Пролет, Бутел Скопје, Еурофарм Пелистер и Металург.