ОФИЦИЈАЛНО: Ончев три години во дресот на Тримо Требње (ФОТО)

Ракометарот кој во последната сезона беше најефикасниот играч на Работнички и најефикасен стрелец во Супер машката лига, Тоше Ончев во новата сезона ќе настапува во првенството на Словенија.

Како што најави 24 Ракомет, Ончев ќе го носи дресот на екипата на Тримо Требње каде како тренер работи еден од најдобрите ракометари на сите времиња на Словенија, Урош Зорман.

Договорот на Ончев со Тримо е на три години така што ќе има доволно време да се покаже во вистинско светло.

„Горд сум што ќе ги бранам боите на лавовите од Требње во следните три години. Со нетрпение чекам да работам со легенда каква што е Урош Зорман и верувам дека во иднина можеме да направиме навистина одлични резултати“, вели Ончев.

Тој е играч кој потекнува од школата на Вардар и имаше настапи за вардарци во времето на Раул Гонзалес, но потоа смени неколку тимови. Беше дел и од тимовите на Пелистер, Вернол, Ст. Марсел Верднон и Керкира.