ОФИЦИЈАЛНО: Едуардо Гурбиндо три години во Вардар!

Десниот бек на шпанската репрезентација и член на француски Нант, Едуардо Гурбиндо (33) е нов играч на Вардар. Двојниот европски првак и повеќекратен македонски шампион договори засилување што ќе му се приклучи на тимот од летово и треба да остане во Скопје во следните три сезони.

Гурбиндо доаѓа од екипата на Нант, Франција со која настапува во Лигата на шампионите. Шпанскиот бек зад себе има богата спортска кариера и ја има освоено и Лигата на шампионите, со тимот на Барселона во сезоната 2014/2015. Тоа беше последен пат кога Шпанците беа победници во ова натпреварување.

Како играч на Нант настапи и во финалето на Ф4 турнирот во ЛШ во сезоната 2017/2018 кога во француското финале Нант сепак остана со сребрен медал. Во својата кариера Гурбиндо има настапувано за Портланд Сан Антонио (2003-2007), потоа за Торевиеха (2007-2009), Ваљадолид (2009-2012) и Барселона (2012-2016).

Во Шпанија ги има освојувано и првенството, купот и суперкупот, а во Франција има медал од Купот на Франција. Како дел од репрезентацијата на Шпанија има златен медал од ЕП 2018 година, а сребрен од ЕП 2016 година. Бронзен медал има од ЕП 2014 и од СП 2011 година. Од 2009 година е дел од националниот тим на Шпанија и има одиграно над 120 натпревари и над 160 голови. Поради повреда не настапи на ЕП 2020 и на СП 2021.