Олимпиското финале им се смешка на Николов и Начевски

Натпреварите на Олимписките игри од утре се во два утрински термини (според времето во Европа), а машките полуфинални дуели се интересни и поради судиите од Македонија, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски кои првпат имаат ден во кој не се делегирани.

После шест дена на средбите во машка конкуренција тие имаат ден за одмор, а ова е предзнак дека може да се очекува да истрчаат на терен в сабота кога би требало да се играат финалето и натпреварот за 3. место.

Со оглед на тоа што досега редовно беа делегирани на дерби дуелите ова е најлогичната одлука. Добрата арбитража на секој од досегашните натпревари е секако добар предзнак и сите очекувања се в сабота да го судат машкото финале во кое ќе се најдат победниците од пресметките меѓу Франција-Египет и Шпанија-Данска.

Првиот дуел утре е меѓу Франција и Египет од 10 часот. На овој натпревар судии се Шпанците Рали и Сабросо, додека меѓу делегатите се наоѓа Драган Начевски.

Втората средба почнува во 14 часот, а на неа судат Швајцарците Брунер и Салах.