Од Чаир најавуваат – целта ни е шампионската титула!

Екипата на Чаир, која имаше успешна полусезона, со оглед на тоа дека обезбеди настап во плеј-оф фазата во домашниот шампионат, се вклучи во борбата за титулата и на европска сцена успеа да направи историски успех, откако го елиминираше актуелниот шампион на Косово, Истогу, во рамки од второто коло во Европскиот Куп.

Тренерот Басри Љатифи истакна дека е задоволен од сработеното во полусезоната, а позиционирањето на клубот меѓу најдобрите екипи е доказ дека посветено се работи во Чаир, кој секогаш претставува закана за посилните тимови.

„Најпрво сакам да им се заблагодарам на техничкиот штаб, ракометарките, спонзорите, нашата публика и сите кои му помогнаа на клубот оваа полусезона. Од почетокот на сезоната имавме искрена посветеност и сериозен пристап кон секоја работа и се подразбира дека успехот не изостана. Заслужни што ја остваривме нашата цел клубот да биде на врвот на табелата и да обезбеди место во плеј-офот за да се бори за титулата, не сум само јас, туку и ракометарките, другите тренери или да речеме персоналот на моите помошници, со кои заедно завршивме прекрасна работа, додека резултатот беше помалку битен”, изјави Љатифи.

Во Чаир ќе бидат ангажирани нови ракометарки за пролетниот дел од сезоната.

„Наскоро ќе ги дознаеме имињата. Според мене, на клубот му требаат три засилувања, но не сакам да шпекулирам со имиња. По завршувањето на полусезоната ракометарките се одморија заслужено, додека јас заедно со техничкиот персонал ќе се собереме и ќе одлучиме кои ракометарки му требаат на клубот во моментов и на кои позиции ќе се засилиме”, додаде Љатифи.

Наскоро треба да се знае планот за подготовките на Чаир, кој има амбиции да ја освои шампионската титула и Куп трофејот во Македонија.

„Можам да кажам дека резултатите се позитивни, се надевам дека ќе бидеме уште подобри со засилувањата што ќе ни дојдат. Сите знаеме дека оваа година целта ни е шампионската титула и трофејот во Купот на Македонија, па затоа се бориме на два фронта, иако сме свесни дека во пролетната сезона ќе се натпреваруваме во плеј-офот и ќе имаме добро подготвени противници, сепак, се надевам дека на крајот ќе ја постигнеме главната цел што ја имаме зацртано”, заврши Љатифи.

Чаир во плеј-оф фазата ќе пренесе 12 бодови. Ист број на бодови ќе имаат Металург и Вардар, додека актуелниот шампион Ѓорче Петров ќе стартува со максимален број на бодови (18).