Ивица Обрван за ГРУПА Б: Франција – фаворит за медал, за Полска домашниот терен може, но и не мора да биде предност

Oсум групи за осум истакнати тренери, сегашни и поранешни селектори. Ивица Обрван е истакнат хрватски тренер и поранешен селектор на машката ракометна репрезентација на Македонија и на селекцијата на Босна и Херцеговина. Тренерската кариера Ивица Обрван ја почна во Метковиќ, со кој како играч-тренер во 2000 година го освои ЕХФ Купот, потоа во клупската тренерска кариера ги предводеше Аграм Медвешчак и Загреб во Хрватска , Горење Велење во Словенија  и Шамбери во Франција. На кормилото на македонската репрезентација Обрван беше во периодот од 2013 до 2016 година и се уште е селектор-рекордер што останал најдолго на македонската клупа и селектор со кој Македонија го има најдобриот пласман во досегашните седум настапи на светските првенства, со 9.место освоено на СП 2015 во Катар. Во пресрет на СП 2023, Ивица Обрван за 24Ракомет од тренерски агол ја анализира групата Б  во која во првата фаза на СП ќе играат: Франција, Полска, Саудиска Арабија и Словенија.

Групата Б е една од четирите групи кои се потешки од другите во првата фаза на СП 2023, тука се уште и групата Ф (Норвешка, Македонија, Аргентина, Холандија), Д (Исланд, Португалија, Унгарија, Ј.Кореја) и Е (Германија, Катар, Србија, Алжир).

🇫🇷 ФРАНЦИЈА 🇫🇷

Франција е фаворит во групата Б поради високиот квалитет на своите играчи и резултатите што ги покажува на светските и на европските првенства со години. Без оглед на некои повреди што ги имаат, широката база на играчи ги става во улога на фаворити во групата, но и како едни од фаворитите за медал.

🇵🇱 ПОЛСКА 🇵🇱

Силна страна на Полска може да биде одбраната 6-0 со силна транзиција. Слаба страна на полската репрезентација е тоа што нема доволно квалитет на бековската линија, нивните играчи не се носители на играта во своите клубови. Домашниот терен може да биде предност, но и не мора.

Тие тоа го доживеаја на ЕП 2016 на кое имаа слаб резултат. Мојата проценка е дека максимумот за оваа репрезентација на Полска е до вториот круг на СП. Не верувам дека можат да стигнат до четвртфинале.

🇸🇮 СЛОВЕНИЈА 🇸🇮

Словенија отиде на СП иако не ги помина квалификациите. Техничките квалитети на словенечката репрезентација се високи, посебно квалитетот на големиот број средни бекови. Она што им е проблем последниве години се позициите на левите и на десните бекови, во смисол на шут од 9-10 метри, па играта на поставена одбрана најчесто им се сведува на шут од полудистанца или од 6 метри. Пласман во втората фаза, според мене, е реален дострел.

Најинтересен во оваа група би требало да биде дуелот Словенија-Полска кој би требало да биде решавачки за позицијата број два. Тоа се репрезентации со различна концепција на игра, со мала предност за Словенија.

🇸🇦 САУДИСКА АРАБИЈА 🇸🇦

Изненадувања се секогаш можни, посебно од Саудиска Арабија во однос на европските репрезентации, но, реално, Франција, Словенија и Полска се пред нив во групата Б.