Обрван: Добро го знаеме Вардар, и бод во Скопје може да ни биде доволен за осминафинале

Вардар и Загреб утре во Скопје играат важен натпревар во Лигата на шампионите, двете екипи на табелата ги дели само еден бод.

Загреб со двата неочекувани бода против ПИК Сегед влезе во сериозна борба за место во осминафиналето. Хрватите го истакнуваат овој натпревар за нив како најважен затоа што после дуелот со Вардар ги очекуваат натпревари против Кил и Алборг.

Тренерот Ивица Обрван смета дека и бод може да биде доволен за неговиот тим.

„Добро го познаваме Вардар, единствено што го променија е тренерот, можеби и начинот на игра. Во некои комбинации и бод би ни бил доволен за осминафинале, но не размислуваме на тоа. Сакаме после ПИК Сегед да одиграме уште еден добар натпревар. Покажавме колку сме способни да одиграме добро на гости како во Брест и Монпелје. Ако бидеме ние вистинските со добро издание на поединци и голманите, можеме до позитивен резултат“, изјави Обрван.

Натпреварот помеѓу Вардар и Загреб се игра утре од 20:45 часот.