Норвежаните револтирани: Како може земја со најдобар рејтинг да има еден, а Унгарија и Данска три клуба во ЛШ?

Европската ракометна федерација (ЕХФ) откако пред неколку дена ги објави сите тимови кои ќе играат во Лигата на шампионите во машка и женска конкуренција, предизвика револт кај неколку екипи.

Второпласираната екипа од Норвешка, Сторхамар, која во изминатата сезона го имаше дебитанскиот настап во елитата, извиси од второ учество.

Вајлд карти добија екипите на Рапид Букурешт, Брест Бретањ, Икаст, Дебрецин, Ференцварош, Заглебје Лубин и Савехоф.

Тренерот на Сторхамар, Кенет Габриелсен, сѐ ште не може да разбере како Норвешка која има најдобар рејтинг кај дамите има само еден претставник во Лигата на шампионите, додека Унгарија дури три тимови.

,,Големо разочарување е тоа што Сторхамар не доби место во Лигата на шампионите. Бев целосно изненаден. Мислам дека е многу чудно и поради рангирањето и поради минатогодишните резултати. Унгарија во Лигата на шампионите ќе го има и третиот претставник Дебрецин, кој минатата сезона не напредуваше од групната фаза во Лига на Европа. Покрај тоа, шведскиот клуб Савехоф минатата сезона не успеа да се пласира во групната фаза од второто по ранг европско натпреварување, но сега е подготвен за ЛШ?”, изјави Габриелсен.

Истото мислење го дели и Мортен Јоргенснен, кој e спортски менаџер на старо-новиот европски шампион Вајперс Кристијансад.

Јоргенсен истакна дека минатата есен сфатиле дека на данскиот Икаст му било ветено место во Лигата на шампионите. За потсетување, тимот на Икаст е третата екипа од Данска која ќе игра во елитата по Есбјерг и Оденсе.

,,Во ноември Икаст ни зеде еден играч (Маркета Јерабкова) со образложение дека данскиот тим ќе игра во Лигата на шампионите. Фактот што тие беа толку сигурни во тоа сугерира дека однапред му било ветено место. Норвешка е рангирана како најдобра ракометна нација и добива една екипа во Лигата на шампионите. Данска е на петтото место и добива три екипи. Тоа што се случи во име на Сторхамар е целосно неприфатливо, а за норвешкиот ракомет е трагедија”, изјави Јоргенсен.

Освен во Норвешка, револт има и во Романија, која остана без претставник во Лигата на шампионите во машка конкуренција.

Романците не можат да се помират: Во ЛШ има послаби тимови од Динамо Букурешт

 

 

 

Шест тима од Унгарија и Данска во елитата, ќе играат Крим и Будуќност