Нора Мерк: Сестрите Бонавентура ми го уништија сонот

Ракометарката од Норвешка, Нора Мерк покрај големиот број на повреди и оперативни зафати во последните години конечно најде сили за да одигра цел турнир, но не успеа да се пласира во финалето.

После поразот од Русија денеска таа ги обвини сестрите од Франција, судиите Шарлот и Жули Бонавентура за лошо судење.

„Тешко е да се постигне гол кога судиите ве оставаат без топка. Се чини дека Русија доби 17 прекршоци денеска. Јас сум шокирана. Ми се чини дека денеска мораше да бидеме десетпати подобри од Русија за да стигнеме до победата. Секогаш противничките ја добиваа топката бидејќи судиите им ја препуштаа. За разлика од нив ние имавме една шанса во нападот. Уште повеќе се нервирам што ова е ситуација во која ништо не можете да направите освен да застанете како идиот и залудно да се обидувате да играте ракомет. Судиите ми го уништија сонот“, вели Нора Мерк.

Најдобрата Норвежанка, сепак, ќе има шанса за медал, а со своите колешки ќе се обиде да дојде до бронзата.