Нови суперлигашки возбудувања – ќе „горат“ Охрид и Битола!

Во претстојниот викенд на распоредот е 2. коло од Суперлигата, во плеј-оф и плеј-аут фазата. Откако во првото коло највозбудлива средба беше во Кавадарци меѓу тимот на Тиквеш и новиот суперлигаш Алкалоид, во второто коло се очекува да има нови возбудувања и неизвесност на поголемиот број дуели.

Актуелниот шампион на Македонија, Вардар во второто коло ќе гостува во Охрид кај истоимената екипа. Двата тимови се сретнаа во регуларниот дел од сезоната и „црвено-црните” на двапати триумфираа (32:25, 27:22). Сепак, тимот на Охрид, кој атакува на излез на европска сцена, односно пласман меѓу најдобрите екипи во плеј-офот, секогаш бил незгоден ривал на домашен терен.

Амбициозниот тим на Алкалоид во второто коло ќе гостува во Битола кај македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер. Екипата на Кире Лазаров на старот од разигрувањето за титулата одигра нерешено против Тиквеш и првата победа во новата година ќе ја брка токму против битолскиот тим.

Избраниците на Ларс Валтер, кои играат „топло-ладно“ на европска сцена, во регуларниот дел од сезоната на дел од натпреварите во Суперлигата наидоа на голем отпор од страна на неколку противници. Сепак, Еурофарм Пелистер е голем фаворит против новајлијата во суперлигашката конкуренција.

Вториот тим на Еурофарм Пелистер по стартниот пораз од Охрид ги бара првите бодови против Бутел Скопје, кој во првиот натпревар од плеј-оф фазата беше поразен од првиот тим на „фармацевтите“. Екипите на Тиквеш и Пролет во Скопје, поточно во спортската сала „Македонско сонце“ ќе имаат дуел за првата победа во плеј-оф натпреварувањето.

Второто коло ќе започне со натпреварот меѓу екипите на Скопје и Прилеп во рамки од борбата за опстанок, во која исто така се очекува голема неизвесност.

Супер лига, плеј-оф, 2 коло:

18/02, 18:00 часот, Охрид – Вардар

19/02, 17:00 часот, Еурофарм Пелистер – Алкалоид

19/02, 18:00 часот, Бутел Скопје – Еурофарм Пелистер 2

19/02, 18:30 часот, Пролет – Тиквеш

Супер лига, плеј-аут, 2 коло:

18/02, 15:00 часот, Скопје – Прилеп

18/02, 16:00 часот, Струга – Куманово

18/02, 17:00 часот, Голден Арт – Јуниор КВ

18/02, 17:30 часот, Радовиш – Вардар Неготино