„Ни треба нов среден бек во Вардар, ама…“

Вардар загуби од Кил со 26-29 во шестото коло од Лигата на шампионите, што беше трет пораз по ред за „црвено-црните“ во елитното натпреварување.

Тренерот Веселин Вујовиќ се осврна и на играчкиот кадар, на неговите барања од ракометарите и тоа дека очајно му треба уште еден среден бек во ростерот.

„Не можам да разберам како може некои играчи да не шутираат кога се донесени да ги земат тие шутеви и да преземат одговорност или да не го играат она што тренерот го бара од нив. Ситуацијата е јасна, или ќе покажат многу повеќе или ќе си заминат од клубот. Имавме плус три на стартот на второто полувреме и знаевме дека мораме што подолго да ја задржиме предноста, имаме напад за плус четири и точен план како треба да нападнеме преку Њокас. Излегуваме на терен и тој го прави спротивното, ја губиме топката и наместо четири гола предност, Кил почнува да се враќа. Реалноста е таа, повторно ни се случува да имаме проблем во нападот. Свесни сме дека ни треба среден бек, не сме доволно покриени на таа позиција, но на пазарот не гледаме играч што би ни помогнал и веднаш би направил разлика“, вели Вујовиќ.

Следен предизвик за вардарци ќе биде гостувањето кај унгарскиот првак ПИК Сегед на 18 ноември.