„Ниту Душебаев не е ’безбеден’, од Карачиќ очекувам да покаже дека му значи дресот на Келце“

Како и минатото лето, така и ова, ситуацијата во тимот на Келце е интересна. Лани беше за финансиите, а сега главна тема се слабите партии на дел од играчите од припремниот период.

Откако Талант Душебаев јавно го критикуваше Владислав Кулеш, истото го стори и претседателот Бертус Сервас.

„Влад мора да покаже поголем квалитет. Тој го знае тоа, но се уште не го покажува својот потенцијал. Кулеш е одличен ракометар, со одлични предиспозиции, но мора д се игра и со „глава“. Сакам стабилност од него. Подобро е три-четири гола секој меч, отколку еден блесок со осум гола и потоа натпревар без гол. Има време до декември-јануари да покаже дека треба да остане. Имаме листа од неколку играчи што би можеле да го заменат ако треба. Халил Јагањац е еден од нив. Но, имаме и во своите редови доволно играчи. Дорук Пеливан кој е позајмен на Минден. Тука се и Гебала, Сичко, Карачиќ и Трастарсон. Секој од нив може да одигра на лев бек ако е потребно“, вели Сервас за „Спортове Факти“.

Тој открива дека ниту Алекс Душебаев, Игор Карачиќ и Андреас Вулф не се „безбедни“.

„Ниту Алекс Душебаев не треба да се чувствува комплетно безбеден. Константно анализираме кој заслужува да го носи дресот на Келце. Игор Карачиќ имаше добар старт, потоа се повреди и оттогаш до крајот на сезоната не беше истиот играч. Сакам да видам дека навистина му значи да игра во Келце. Вулф е во најлоша положба и му треба наша помош. Имаме проблем со него уште од јануари и треба да даде многу повеќе. Не го доведовме овде за да брани со 20%“, реален беше Сервас.