Никој како Лазаров: Најдобриот стрелец во историјата на ЛШ ќе ја игра 22. сезона во елитата!

Новата сезона во ракометната Лига на шампиони е дефинирана, познати се сите 16 учесници и по новиот систем наесен се очекува нов почеток. По една сезона мината во ЕХФ Купот, најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров се враќа во елитниот европски Куп – натпреварување во кое е апсолутен рекордер по бројот на сезони, настапи, голови.

Лазаров ќе ја почне својата 22. сезона во Купот или Лигата на шампионите. Нант доби покана од ЕХФ и на 1 јули ја очекува ждрепката и своите ривали за една од двете групи. Нашиот најдобар ракометар дебитираше во Купот на шампионите за Борец од Велес во сезоната 1994/95. Следеше премин во Битола и нови настапи во елитата, во сезоните 1996/97 и 1998/99. Со мали исклучоци оттогаш редовно настапува во ова натпреварување.

Се редат сезони со Загреб, пет по ред со Веспрем, па пак три со Загреб се до преминот во Шпанија. Во дресот на Сиудад Реал, односно Атлетико Мадрид, Лазаров три сезони игра во Лигата на шампионите, па следат уште четири за Барселона. Преминот во Франција не значеше прекин на серијата, туку две сезони по ред во Лигата на шампионите. Сега, по една година пауза, Лазаров со Нант пак ќе игра за европската титула.

Македонскиот ракометар се наоѓа убедливо на првото место на вечната листа најдобри стрелци во Лига на шампионите со 1.332 голови. Само уште еден играч досега успеа да ја надмине границата од 1.000 погодоци, тоа е францускиот ракометар Никола Карабатиќ со 1.074 голови на втората позиција. Третопласиран е Србинот Момир Илиќ кој ја заврши кариерата со 969 голови, а на четвртото место е играчот на актуелниот европски шампион Вардар, Русинот Тимур Дибиров со 884 погодоци.

Лигата на шампионите, Лазаров ја освои со Барселона, а играше финале и со Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и Нант.

Сите сезони на Кире Лазаров во ЛШ:

2020/21 Нант, ?
2018/19 Нант, 75 погодоци
2017/18 Нант, 53 погодоци
2016/17 Барселона, 85 погодоци
2015/16 Барселона, 109 погодоци
2014/15 Барселона, 106 погодоци
2013/14 Барселона, 80 погодоци
2012/13 Атлетико Мадрид, 69 погодоци
2011/12 Атлетико Мадрид, 97 погодоци
2010/11 Сиудад Реал, 74 погодоци
2009/10 Загреб, 83 погодоци
2008/09 Загреб, 93 погодоци
2007/08 Загреб, 96 погодоци
2006/07 Веспрем, 82 погодоци
2005/06 Веспрем, 85 погодоци
2004/05 Веспрем, 76 погодоци
2003/04 Веспрем, 39 погодоци
2002/03 Веспрем /
2001/02 Загреб /
1998/99 Пелистер /
1996/97 Пелистер /
1994/95 Борец /

* до сезоната 2002/03 нема достапни податоци за број на погодоците на сајтот на ЕХФ