„Ние ќе победиме – никогаш нема да живееме под руско знаме“

Руската инвазија над Украина, која што започна на 24 февруари, предизвика бран на украински бегалци во Полска, Словачка, Романија, Молдавија и Унгарија.

Но, голем дел од граѓаните на Украина кои што живеат во источниот дел од земјата се приморани својот спас да го бараат во своите засолништа, бидејќи е многу опасно да ги напуштаат градовите во кој се наоѓаат.

Во Харков, каде што се водат жестоки борби меѓу украинската и руската војска, тренерот на лидерот во Првата лига – ХАИ Харков, Јуриј Андрушенко, во разговор за официјалната страна на ракометната федерација на Украина опиша дел од тешката ситуација во неговата земја.

„На 24 февруари решивме да се спакуваме и да одиме во спортското училиште каде работам. Ние живееме на периферијата во Харков. Училиштето има мал подрум и се наоѓа во центарот на градот. Се надеваме дека овде е побезбедно отколку на периферијата на градот каде што се водат борбите. Сите четири дена од почетокот на војната останавме овде. Тука сум со моето семејство, односно со мојата сопруга, моите два сина, но и со многу роднини и пријатели. Во Харков сите метро станици работат како засолништа. Во нив има вода, леб, лекови, се што ви треба. Градските служби работат многу добро. За војната во Украина виновно е раководството на Руската Федерација. Оваа ситуација не обедини нас – Украинците. Ќе победиме, немаме друг избор. Никогаш нема да живееме под тробојката“, изјави Андрушенко.