„Ние не сме роботи, ќе имаме одмор само една недела“

Репрезентативецот на Германија и ракометар на Кил, Хендрик Пекелер во изјава за  „Зеит“ го искажа својот револт за напорниот распоред на неговиот клуб.

Покрај домашните настапи, во Бундес лигата и Купот на Германија, Кил го очекува и борба за титулата во Лигата на шампионите доколку успее да се пласира на завршницата од самото натпреварување. Тоа значи дека ракометарите на Кил ќе мора да одиграат 16 натпревари за еден месец.

„Ние играчите не бевме прашани за распоредот, ние не сме роботи. На крајот на сезоната ќе имаме одмор една недела. Потоа ќе одиме на Олимпијада, а новата сезона не е далеку. Сепак, забавно е. Сега сме во фаза кога титулите треба да се освојуваат”, изјави Пекелер.

Клупската сезона за Кил ќе заврши при крајот на јуни. Потоа дел од ракометарите на Кил кои настапуваат за својата репрезентација ќе се подготвуваат за настапот на Олимписките игри во Токио.