„Не се откажуваме од идејата ЕП или СП да се одржи во Русија“

Извршниот Комитет на Европската ракометна федерација (ЕХФ) на почетокот на месец јули донесе одлука за домаќинството на ЕП 2026 година во женска конкуренција.

Организацијата што и беше доделена на Русија во ноември 2021, и беше одземена поради актуелната ситуација во тој регион.

Првиот човек на ракометната федерација на Русија, Сергеј Шишкарев, даде свое мислење за одлуката од европската ракометна куќа.

,,Со оглед на тоа што јас бев главен иницијатор  за подготовка на руската кандидатура за домаќин на Европското првенство во 2026 година, се разбира, сега постои разочарување што таа нема да се реализира. Подготовката на Европското првенство опфаќа неколку фази кои треба навреме да се спроведат. Пред неколку дена имавме видео конференција со челниците на ЕХФ, на која се договоривме ЕП се одржи во друга земја. Но, тоа не значи дека целосно се откажуваме од идејата за одржување на Светското или Европското првенство во Русија. Оваа задача сепак вреди и убеден сум дека ќе успееме да ја реализираме во подобри времиња”, изјави Шишкарев.

Сега европската куќа на ракометот бара нов домаќин на континенталниот собир во 2026 година, каде ќе играат 24 селекции.

ЕП 2024 година ќе се одржи во Унгарија, Австрија и Швајцарија, додека организацијата на ЕП 2028 им беше доделена на Данска, Шведска и Норвешка.

ЕХФ и го одзема ЕП 2026 на Русија и бара нов домаќин!