Не му е првпат: Липовина се скара со Рогановиќ – нема да игра против Македонија на ЕП!

Некогашниот десен бек на Металург, а сега на бундеслигашот Балинген – Владан Липовина, нема да ги брани боите на Црна Гора додека селектор е Зоран Рогановиќ.

Според информациите на „Победа“, Липовина и Рогановиќ имале несогласувања по завршувањето на квалификациите за ЕП. 28-годишниот леворак бомбардер не бил задоволен од статусот во националниот тим, каде што минутажата најчесто ја делат Стефан Чавор и Бранко Вујовиќ. Во еден наврат реагирал бурно и си ја затворил вратата на националниот тим.

Ова не е прв „прекршок“ на Липовина во репрезентацијата. Во јуни 2016 година го напушти собирот по кавгата со тогашниот селектор Љубомир Обрадовиќ по поразот од Русија во баражот за СП 2017.

Потоа во март 2017 година, кога селектор беше Драган Ѓукиќ, соопшти дека „поради хаотичната состојба во црногорскиот ракомет“ нема да игра за националниот тим „додека работите не се променат на подобро“.

Со доаѓањето на Рогановиќ на црногорската клупа, Липовина доби поголема шанса, но сега веќе е јасно дека нема да игра против Македонија, Словенија и Данска на Европското првенство.