Костески: Секој сонува да игра за репрезентацијата, се трудам да ја оправдам довербата на Брестовац

Десното крило Ненад Костески, полека но сигурно се наметнува за сигурно место во составот на Данило Брестовац. Со своите 19 години и краткото интернационално искуство, брзото крило од Струга прикажува солидни партии во националниот дрес.

Потекнува од школата на Струга, а своите први ракометни почетоци ги прави кај тренерот, Жарко Ферукоски. Љубовта за ракомет ја добива од неговиот брат, Никола Костески, кој исто така игра на позиција десно крило.

По одличните настапи во Струга, Костески во 2019 прави интернационален трансфер во шампионот на Хрватска, Загреб. Во хрватскиот гигант, иако не добива поголема минутажа, сепак дадената прилика ја искористува максимално. Со новиот клуб дебитира во Лигата на шампионите и успева да го постигне деби голот во најквалитетното ракометно натпреварување.

Добрите партии кои ги прикажа беа причина оваа сезона да се врати во Македонија и да биде дел од новиот амбициозен проект, Еурофарм Пелистер. Стружанецот смета дека битката за титулата ни најмалку нема да биде лесна со оглед на големата конкуренција во домашниот шампионат.

„Загреб ми беше првиот голем клуб во мојата ракометна кариера. Нормално, на самиот почеток ми беше потешко околу адаптацијата, но успеав побрзо да се вклопам во екипата и да се адаптирам. Во клубот бев прекрасно пречекан и од ракометарите и управата. Јас бев презадоволен што добив шанса да дебатирам во Лигата на шампионите, СЕХА лигата како и Супер лигата во Хрватска. Но сега сум во Битола и амбициите на Еурофарм Пелистер се што подобар пласман и обезбедување наредна фаза во Лигата на Европа, како и одлични резултати во СЕХА лигата и домашното првенство. Нормално, можеме и тоа ни е најголема цел оваа година да ја освоиме титулата во Македонија, но тоа нема да биде лесно затоа што оваа година конкуренцијата во домашното првенство се зголеми. Тука е Вардар кој има одличен тим, но и Металург кој исто така има квалитетни ракометари и нема да биде едноставно да се стигне до титулата. Јас во моите соиграчи верувам премногу и се надевам дека ќе се радуваме на крај од сезоната и ќе ја донесеме титулата во Битола затоа што градот и нашите симпатизери го заслужуваат тоа“, вели Костески за 24Ракомет.

Покрај првиот тим на Еурофарм Пелистер, оваа сезона одлчично игра и вториот тим на битолчани. Костески смета дека екипата предводена од Александар Јовиќ може да покаже добра игра во плеј-офот.

„Еурофарм Пелистер 2 имаат одлична екипа со квалитетни и млади ракометари. Мислам дека не смеат да се потценат во никој случај затоа што знаат во спротивно да го казнат тоа. Се пласираа во плеј-офот, тоа за нив е голем успех и мислам дека можат да остваруваат одлични резултати во иднина“, продолжува Костески.

Битолчани оваа сезона се дел од Лигата на Европа. Во првите натпревари не се покажаа баш во најдобро светло. Во група со Рајн Некар Левен, ГОГ, Тримо Требње, Кадетен Шафхаузен и Татабања, екипата предводена од хрватскиот стратег, Жељко Бабиќ, забележа три порази, една победа и едно реми. Десното крило на Еурофарм Пелистер смета дека главната причина за слабата игра е ковид пандемијата која ги поремети плановите на сите екипи во светот. Се надева на многу подобри резултати во продолжението од сезоната.

„Причината за слабата игра во првата полусезона во Лигата на Европа е проблемот со ковид пандемијата која го затвори целиот свет. Сите екипи имаа голема пауза, се одложуваа натпревари, и тоа се нас не чинеше. Мислам дека недостигот на натревари е главен фактор. Јас се надевам дека во новата година и втората полусезона ќе имаме помалку проблеми со пандемијата и дека ќе бидеме многу поуспешни од претходната. Најтежок натпревар до сега беше против екипата на Рајн Некар Левен кој е апсолутен фаворит во групата, но никако не  ги потценуваме и останатите екипи од нашата група“, вели Костески.

Младиот ракометар ја добива довербата на Данило Брестовац во сениорската репрезентација и настапи на дуелот со Чиле.

„Веќе неколку пати сум повикан во сениорската репрезентација на Македонија. Секој сонува да ги брани боите на својата држава, чувството е прекрасно и тоа го правам со големо задоволство и секогаш се трудам да ја оправдам довербата и дадената шанса од селекторот Данило Брестовац, и мислам дека успевам во тоа“, продолжува Костески.

Светското првенство во Египет започнува за неколку денови. Иако Македонија нема да настапи, сепак нашата селекција е на готовс. Доколку некоја од репрезентациите кои учествуваат на мундијалот во Египет се случи да го откаже настапот поради ковид пандемијата, тогаш нашата репрезентација е прва на списокот за пополнување на испразнетото место. Костески како свој фаворит ја истакнува репрезентацијата на Хрватска.

„Сеуште не се знае дали нашата репрезентација ќе настапи на Светското првенство во Египет. Шансите се големи со едно откажување на некоја од репрезентациите и ние како прва резерва од списокот ќе земеме учество. Јас мислам дека многу репрезентации ќе изненадат во Египет. Ако не учествуваме, ќе навивам за репрезентацијата на Хрватска поради тоа што таму настапуваат ракометари од Загреб, сосема е нормално за нив да навивам”, рече Костески за 24Ракомет.