Нема пари, има финансиски проблеми, но Мартин останува верна на ЧСМ Букурешт

Репрезентативката на Шпанија и ракометарка на ЧСМ Букурешт, Кармен Мартин, останува во клубот од Романија и во следната сезона. Иако клубот имаше големи финансиски проблеми и голем број на интернационалки останаа без месечни примања, Кармен Мартин остана верна на Букурешт.

Искусната ракометарка во 2016 година ја освои Лигата на шампионите со тимот на Букурешт. Освен за Букурешт досега има настапувано и за Ница, Крим Меркатор, Ичако и Мар Аликанде.

Со репрезентацијата на Шпанија има освоено голем број на медали од континенталните натпреварувања, а на Олимпијатата во Лондон (2012) го освои бронзениот медал.

ЧСМ Букурешт за следната сезона ги ангажираше и Емили Арнцен, Марин Ауне, Ема Рамушовиќ и Марие Давидсен. Клубот на крајот од сезоната ќе го напуштат Дениса Деду,Крина Пинтеа, Драгана Цвијиќ, Јелена Грубишиќ и Габриела Периану.

Во следниот период се очекуваат плус две нови ракометарки во тимот, а како потенцијално засилување стои и поранешната ракометарка на Вардар, Дијана Илина.