Нексе пред дуелот со Вардар ќе одигра осум меча за 20 дена!

Хрватскиот вицепрвк Нексе од Нашице започна со подготовките за новата натпреварувачка сезона, 2022/23. Ракометарите на Нексе во првата фаза од подготовките ќе работат на подобрување на физичката подготвеност, како и воиграност на екипата, која во изминатата сезона направи историски успех на европска сцена, откако се пласира на Ф4 турнирот од Лига на Европа.

Тренерот на Нексе, Бранко Тамше на првата прозивка на своите избраници им го претстави планот и програмата за подготвителниот период. Хрватскиот тим има големи амбиции за новата сезона, а прв предизвик за тимот на Нексе ќе биде македонскиот шампион Вардар во четвртфиналниот дуел од СЕХА лигата.

Нексе пред четвртфиналниот дуел со Вардар, кој е закажан за 23 август во Скопје, ќе одигра осум контролни натпревари за 20 дена. Веќе в сабота е првата контрола со Осијек, а Тамше и неговите избраници на 8 август ќе пристигнат во Словенија. Таму ќе одиграат контролни натпревари против Крка, Тримо Требње, Словењ Градец, Свис и против романскиот суперлигаш Доброгеа Суд, кој исто така ќе се подготвува во Словенија.

Од Словенија, Нексе ќе се пресели во БиХ и во периодот од 20 до 21 август ќе настапи на турнир од Сараево. По настапот на подготвителниот турнир во Сараево, хрватскиот вицепрвак ќе тргне на пат за Македонија, односно Скопје каде на 23 август ќе го одигра четвртфиналниот дуел против „црвено-црните“. Победникот од овој дуел ќе обезбеди пласман на завршниот турнир од СЕХА лигата кој ќе се одржи во Задар.