Најдобар лев бек на полусезоната – Филип Талески: Искрено не очекував награда, таа е мотив плус

Специјализираниот портал за ракомет - www.24rakomet.mk традиционално го организира изборот за најдобар тим на полусезоната во домашното првенство. Во Изборот учествуваат публиката (читателите преку онлајн гласање), редакцијата на 24ракомет и новинари кои ги следат ракометните случувања во Македонија. Со собирање на сите гласови се избираше најдобриот тим од седум играчи, најдобриот тренер, дефанзивен играч, млад играч, странец... Во соработка со нашиот партнер Jamieson најдобрите добија и мали подароци...

Во изборот на идеалниот тим на полусезоната во првенството на Македонија, на позицијата лев бек најмногу бодови освои Филип Талески, играчот на Вардар. Македонскиот репрезентативец иако играше со осцилации на одредени средби, кога беше најпотребно го потврди својот квалитет, помагајќи му на тимот да заврши на првото место на табелата по одиграните натпревари, особено оние најважните.

Тој е еден од неколкуте играчи на Вардар што се најдоа меѓу наградените. Следува период во кој „црвено-црните“ имаат не само згуснат распоред, туку и тешки и решавачки натпревари. Во такви моменти, не се размислува за сопствениот квалитет, за сопственото докажување туку за клупскиот интерес.

„Па искрено, не очекував да бидам избран за најдобар лев бек, но секако, секоја награда значи многу и претставува мотив плус за понатамошна работа и напредок. Навистина има доста добри играчи кои играат на мојата позиција во нашата лига и ова е еден голем плус, кој ќе ми биде голема мотивација за понатаму, вели Филип Талески по врачувањето на подарокот од Jamieson, партнерот на 24ракомет за овој избор.

За разлика од настапите во ЛШ каде секој меч е неизвесен, квалитетен, полн со адреналин, во домашното првенство само неколку натпревари во есенскиот дел донесоа поголеми возбудувања.

„Реално, натпреварите против Еурофарм Пелистер на домашен и гостински терен беа оние што секако ја одбележаа полусезоната. Двете екипи, Вардар и Еурофарм Пелистер, се борат за освојување на титулата, така што тие натпревари се најинтересни. Ако ги тргнеме настрана овие два тима, тогаш би ги издвоил Бутел, Пролет, и исто така и мечот со Металург на првиот натпревар кој до 50. минута беше неизвесен. Ме радува фактот дека во Македонија почна да се има добар ракометот, има навистина добри играчи и кадри, а нашата лига станува посилна од сезона во сезона. Ако во наредната сезона биде проширена (според најавите) ќе има и поголем број на натпревари. Тоа ќе биде добро за македонскиот ракомет и нашите клубови, смета Талески.

Но, многуте натпревари во календарот не секогаш се добри за тимовите, особено оние што треба да играат и на европска сцена. Постојано има густ распоред.

„Па имаме навистина густ распоред и на некои моменти навистина е тешко. Може да се случи да се направи еден кикс, како што беше со Еурофарм Пелистер 2, и титулата да се изгуби, но за нас густиот распоред е добредојден, за да бидеме спремни и посилни за тоа што не очекува во ЛШ и СЕХА лигата, смета Талески.

Целта на Вардар секогаш е победи и титули. Така е и за сезонава. Но, договорот со Вардар завршува на крајот на оваа сезона. Сите очекуваат Талески да остане во Скопје и да продолжи да биде дел од Вардар.

„Целта е освојување на двојната круна. Точно е дека имам многу понуди, но треба прво да седнам да разговарам со претседателот на Вардар, Михајло Михајловски, па потоа ќе одлучам како ќе продолжам, вели Талески.

Вардар веќе се пласираше во осмина-финалето на Лигата на шампионите и ќе игра против Веспрем. Меѓу двата натпревари ќе се игра и дербито со Еурофарм Пелистер, и тој натпревар може да покаже кој ќе биде поблиску до титулата.