„Нашата репрезентација е поквалитетна од Романија”

Репрезентацијата на Црна Гора, која на Европското првенство во Скопје допатува како првопласирана од групата Д, со пораз ја стартуваше главната фаза, откако убедливо беше поразена од актуелниот олимписки првак Франција.

Сепак, избраничките на Бојана Поповиќ и понатаму остануваат во игра за пласман во полуфиналето на континенталниот собир.

Следен ривал на Црна Гора е незгодната репрезентација на Романија, која во првото коло од главната фаза беше минимално поразена од светскиот првак од 2019, Холандија, со резултат 29:28.

Една од голманките во црногорскиот табор, искусната Марта Батиновиќ истакна дека нејзината репрезентација е подобра од романската и дека со нејзините колешки ќе го дадат максимумот и дополнително ќе ги зголемат шансите за полуфинале.

,,Нè очекува натпреварот против Романија…ние добро ги познаваме ракометарките на Романија и сѐ зависи од нас. Едвај го чекаме тој натпревар. Исто така, добро е што Шпанија и Холандија одиграа нерешено во првото коло, така имаме поголеми шанси за полуфинале. Мислам дека сме поквалитетни од Романија, посебно во одбраната и се надевам дека ќе го покажеме нашето вистинско лице”, изјави Батиновиќ за црногорскиот портал ,,Vijesti”.

Натпреварот меѓу Црна Гора и Романија ќе се одигра утре, со почеток од 18:00 часот во СЦ ,,Борис Трајковски”. Во терминот од 20:30 ќе играат Франција и Германија.