Нант ги изненади сите, го освои трофејот во Лигата на Европа

Ракометарките на претставникот на Франција во Лигата на Европа за жени, Нант се изненадувачки победници во натпреварувањето откако во финалето ја совладаа екипата на Шиофок со 36:31.

Тимот од Унгарија имаше само водство на почетокот од средбта, а во продолжение Нант имаше целосна контрола на натпреварот. До полувремето тимот од Франција обезбеди предност од четири гола и водеше 17:13.

И во второто полувреме не се сменија работите на теренот, Нант без многу проблеми го диктираше темпото и сигурно го водеше мечот кон победа и освојување на титулата. Највисокото водство беше осум гола, а во финишот Шиофок само го ублажи поразот.

Предводничка во победата на Нант беше Натали Хагман со седум гола, а шест постигна Алмеида Де Паула. Во екипата на Шиофок, Габриела Тот беше прв стрелец со седум погодоци, додека по пет постигнаа Сич и Ниомбла.