Мркиќ и Ериче со победа ја завршија сезоната во Италија

Екипата на Ериче, во која настапува ракометарката од Македонија, Савица Мркиќ, не успеа да се пласира во плеј-офот во италијанскиот шампионат и сезоната ја заврши на 6. позиција на табелата.

Ериче во последниот натпревар оствари победа против тимот на Касано Мањано, со три гола разлика, 28:25. Мркиќ беше најефикасна на натпреварот со осум постигнати погодоци во мрежата на гостинките.

Искусната ракометарка, која во Македонија го носеше дресот на Еуростандард, Кометал ЃП, Ѓорче Петров и Жито Прилеп, и во следната сезона ќе остане во Ериче, така што ќе има можност своите квалитети повторно да ги покажува пред ракометната публика во Италија.

Мркиќ минатата сезона беше прогласена за најдобра странска ракометарка во Италија. Во италијанскиот шампионат го носеше дресот и на Гереире Мало, во овој клуб настапуваше една сезона, додека во екипата на Понтинија мина скоро шест месеци.