Моќната Србија ја среди Шведска, ќе игра полуфинале на ЕП!

Репрезентацијата на Србија го одигра најдобриот натпревар на Европското младинско првенство, откако во дуелот против Шведска славеше победа, со резултат 32:27 (15:12), во рамки од првото коло од главната фаза.

Србија во групната фаза оствари победа против актуелниот бранител на титулата, Германија, ремизираше против Исланд и во последното коло ја победи Италија. Со денешната победа, српската репрезентација веќе обезбеди пласман во полуфиналето на младинскиот континентален собир.

Избраниците на Ѓорѓе Теодоровиќ победата ја обезбедија уште во првите 30 минути кога се одлепија на 11:1. Шведска се обидуваше да намали дел од резултатската негатива и барем да го направи натпреварот понеизвесен, замина на полувреме со минус три, но во останатиот дел не можеше да направи ништо повеќе.

Кај победничката репрезентација беа расположени Милош Кос, Стефан и Матеја Додиќ, кои постигнаа по шест погодоци, а голманот Саво Зекиќ имаше 13 интервенции меѓу стативите. Кај Шведска, најефикасен беше Јулијан Сјорген со седум погодоци.

Во М2 групата, во која се наоѓа Србија, за второто место, кое исто така носи пласман во полуфинале ќе се борат репрезентациите на Германија и Шведска. Токму овие две репрезентации во текот на утрешниот ден ќе го одиграат меѓусебниот дуел, кој ќе одлучува која репрезентација ќе обезбеди пласман во полуфиналето. Шансите на Франција за полуфинале веќе завршија, откако денес загуби од Германија со 27:32 (13:12).

Шпанија, во натпревар од М1 групата ја совлада Унгарија со два гола разлика, 32:30 (19:13) и остана во игра за полуфинале. Португалија со победата над Данска од 26:20 (17:10) го завери пласманот во полуфинале и ќе има шанса да се бори за еден од медалите на Европското младинско првенство.